Гласањето на денешните претседателски избори во Авганистан е продолжено за два часа, изјави претставник на Изборната комисија. Како што пренесуваат странските медиуми, почетокот на гласањето доцнеше низ целата земја, бидејќи гласачките места не беа отворени навреме.
Претставници на авганистанската Независна изборна комисија претходно соопштија дека немаат контакт со 910 од 4.042 гласачки центри во земјата.
Почетокот на изборите во Авганистан го одбележаа неколку напади.
Во северен Авганистан бунтовниците испукале проектили од минофрлач во градот Кундуз во обид да спречат гласање, соопштија официјални претставници.
Гулам Рабани Рабани, член на советот на провинцијата Кундуз, рече дека талибанците нападнале припадници на авганистанските безбедносни сили на две локации надвор од градот.
Рабани рече дека има жртви, но не може да прецизира колку, бидејќи телекомуникациските мрежи повремено се прекинуваат.
– Целта на нападот е да ги заплашат луѓето и да ги принудат да останат дома, да не излезат на гласање, рече Рабани.
Тој додаде дека излезноста во Кундуз најверојатно ќе биде ниска со оглед на заканите со насилство.
Претходно беше јавено дека најмалку 15 лица се повредени во бомбашки напад на џамија во Кандахар, град во јужен Авганистан.
Експлозијата се случила само еден час откако гласачите почнале да се собираат на изборачките места.
Досега никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Претседателските избори во Авганистан се одржуваат во атмосфера на несигурност и страв од напади на талибанците, кои се заканија дека насилно ќе ги одвратат граѓаните да излезат на гласање.
Право на глас имаат околу 9,6 милиони Авганистанци, избирајќи од 18 кандидати, од кои само шест се сметаат за сериозни.
Фаворити се актуелниот претседател Ашраф Гани и претседателот на Извршниот совет Абдула Абдула, кој изјави дека се плаши од изборни манипулации.
Двајцата се на власт веќе пет години во влада на национално единство, формирана по изборите во 2014 година, која беше обвинета за измама и корупција.
Прелиминарните резултати не се очекуваат пред 17 октомври, а конечните резултати не пред 7 ноември. Ако ниту еден кандидат не освои 51 процент од гласовите, вториот круг ќе се одржи за две недели.