Европската унија и Јапонија потпишаа инфраструктурен договор за поврзување на Европа и Азија со што ќе ја заобиколат амбициозната стратегија на Кина наречена „Појас и пат”.
Јапонскиот премиер Шинѕо Абе и шефот на Европската комисија Жан Клод Јункер потпишаа договор со кој се координира инфраструктурата, транспортот и дигиталните проекти што ги поврзуваат Европа и Азија, објави „Јапонија тајмс”. Договорот е дел од стратегијата на ЕУ наречена „Азиска поврзаност”, која започна минатата година, во услови на зголемена меѓународна загриженост во врска со огромниот „нов свилен пат” на Пекинг, кој гради железници, патишта и пристаништа ширум светот, користејќи милијарди долари кинески заеми.
– Врската мора да биде финансиски одржлива. На следните генерации треба да им оставиме поврзан свет, почиста околина без огромни долгови. Станува збор и за создавање меѓусебна поврзаност меѓу сите земји во светот без да станете зависни од само една земја, рече Јункер во говорот пред церемонијата на потпишување.
Кина вели дека нејзината трговија со државите од „Појас и пат” надминала 5 милијарди американски долари, при што странските директни инвестиции надминуваат 60 милијарди американски долари.