Ефтимовски: „ИАБ Македонија“ како пионер за саморегулација на порталите, ќе јакне со ново раководство

Претседателот во заминување на „ИАБ Македонија“, Борис Ефтимовски, вели дека е задоволен од она што асоцијацијата како пионер за саморегулација на интернет порталите, успеала да го направи во текот на неговото двегодишно раководење со неа.

Тој особено ги истакнива Етичкиот Кодекс и регистарот на онлајн портали, а смета дека конечно треба да се направи сериозен исчекор во зголемување на буџетите за дигиталните медиуми, каде, како што вели, главната улога ја имаат огласувачите и агенциите кои нив ги застапуваат.

„Веќе станува смешно да се гледа како само една телевизија во Македонија заработува повеќе од огласување отколку сите веб портали заедно.

Ние сме спремни да направиме се што е во наша моќ за да го подигнеме кредибилитетот на онлајн медиумите, да го регулираме пазарот за онлајн огласување, да информираме за трендовите во однос на препорачаните формати за дигитално огласување… Но, сепак огласувачите и нивните медиски агенции се тие што треба да го направат најзначајниот исчекор и да се одважат со поголеми суми да се огласуваат на релевантни онлајн медиуми“, нагласува Ефтимовски.

Тој вели дека во текот на неговото двегодишно раководење со асоцијацијата речиси целосно е завршен процесот за избор и воспоставување на официјален систем за мерење на интернет порталите и за неколку недели, откако ќе бидат завршени техничките подготовки, ќе може точно да се планира обем и профил на интернет публиката во дигиталните медиуми.

Во однос на неговото повлекување од функцијата, Ефтимовски вели дека по две години сака да отстапи простор за нови сили кои, како што вели, ќе предводат во остварувањето на заедничката мисија.

„Секако дека ќе останам дел од ИАБ како нејзин активен член, но сега мислам дека е добро време да избереме нов претседател кој ќе има повеќе време да се посвети во асоцијацијата. Мојот совет до наредниот Извршен одбор и Претседател би бил во годината што следува да се посветат активно на привлекување на најголемите огласувачи во земјата да станат дел од ИАБ и постојано да се шири членството со релевантни медиуми и агенции. Така ќе бидеме уште погласни и ќе можеме да направиме уште поголем импакт во развојот на дигиталниот пазар“, вели претседателот во заминување на „ИАБ Македонија“.

Треба да знаете
Последни објави