По банкротот на британскиот туроператор „Томас Кук”, грчката Влада презема низа мерки за поддршка на грчките туристички компании и вработените во нив, за зајакнување на ликвидноста и за даночни олеснувања на бизнисите, jави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштуваат од Министерството за туризам на Грција, мерките биле донесени по состанокот во Министерството за финансии и во соработка со министерствата за труд и развој.
За работниците кои ќе бидат предвреме отпуштени од работа од компаниите што соработувале со „Томас Кук” предвидени се олеснувања, а Заводот за вработување ќе активира специјална програма за поддршка на компаниите за да нема отпуштања од работа. Сѐ со цел да се зајакне ликвидноста на погодените бизниси, рокот за плаќање на ДДВ-то ќе биде продолжен за шест месеци за компаниите кои над 25 отсто од приходот го добиваат од клиенти на британскиот туроператор, додека, пак, за оние што имаат земено кредити, планирани се поволни регулативи. Исто така, се разгледуваат и можностите за воведување даночни олеснувања за компаниите што соработувале со „Томас Кук” во однос на оданочувањето на приходите за 2019.
– Владата и Министерството за туризам уште од првиот момент побрзаа да се справат со последиците од непријатната разврска со банкротот на „Томас Кук”, како за заглавените туристи, така и за засегнатите работници и бизниси, соопштуваат од Министерството за туризам на Грција.