Уметноста не препознава граници и поделби, а нејзината суштинска улога е да биде поддршка на соживотот и заедничката иднина меѓу народите. Токму затоа, уметниците освен што биле и се главните градители на мостови кои не поврзуваат, тие се и првите гласници на мирот и разбирањето меѓу нас. Ова синоќа го истакна претседателот Стево Пендаровски на отворањето на постановката „Дали сум јас тоа име или таа слика?” на Музејот на современа уметност „МОМус” од Солун, Република Грција.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, на отворањето на оваа постановка во Музејот на современа уметност – Скопје, Пендаровски соопштил дека ова е прво претставување на солунскиот Музеј на современа уметност пред македонската публика со дела од нивната колекција.
– Ова што вечерва се случува тука, би требало да го трасира патот по кој треба да се движат и другите институции и организации кај нас. Патот, по кој, не ќе е лошо, да одат и граѓаните во двете држави. Музејот на современа уметност во Скопје како најкомпетентна и најзначајна институција во откривањето, негувањето и ширењето на вистинските вредности што се создаваат во уметноста и културата на нашето време, ја почнува новата ера на соработка во сферата на културата помеѓу Северна Македонија и Грција. Најискрени честитки до тимот на Музејот кој го насочува својот поглед кон ова ново поглавје во соработката, што несомнено ќе донесе вредности какви што доликуваат на две соседни, пријателски, европски држави, рече Пендаровски.
Пендаровски им оддал признание на сите оние и политичари и уметници кои, како што се наведува, во изминативе години и децении трпеливо ги подотвораа портите што овозможи, денес, а се надевам и во иднина, низ нив слободно да поминуваат и луѓето и идеите.