На пристаништето во Игуменица, од каде и што тргна, се врати грчкиот ферибот „Olympic Champion” и успешно беа евакуирани сите патници, откако додека пловел кон крајната дестинација- Венеција, од за сега непознати причини, се појавил пожар во гаражата, jави дописничката на МИА од Атина.
Во фериботот, според грчките медиуми, имало 538 патници, 75 членови на екипажот и 293 возила, а пожарот веднаш бил ставен под контрола бидејќи се активирал автоматскиот систем на бродот за гаснење пожар. Според истите информации, пред 8.30 часот утрово започнало празнењето на бродот, откако се вратил на пристаништето во Игуменица, а заедно со патниците, без проблеми, бил евакуиран и поголемиот дел од екипажот, додека, пак, две лица поради проблеми со дишењето биле пренесени во болница. Веднаш потоа започнало и гаснењето на пожарот.
Од противпожарната служба на Грција соопштуваат дека биле ангажирани 46 пожарникари со 10 возила и еден брод.