Фондот за иновации и технолошки развој ги оцени како полуинформации и невистини и обвинувања изнесени од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот и денешниот прес, а кои се однесуваат на грандот што ФИТР го доделил на компанијата „ПауерАд“.
Реакцијата на Фондот ја пренесуваме во целст.
„Прво, уште еднаш демантираме дека фирмата „Еленица Струмица“ е директен или било каков друг дел од сопственичка структура на корисник на средствата од Фондот по која било основа. Истото го објавивме и пред три дена.
Второ, политичката партија ВМРО-ДПМНЕ денес излезе со податоци преземени од веб станицата на Фондот, иако токму вчера тврдеше дека Фондот „молчел и криел податоци“. Дополнително, потсетуваме дека компанијата „ПауерАд“, во конкуренција над 10.000 апликации, беше избрана во топ 50 напредни стартап бизниси во светот од страна на Светскиот инвестициски форум кој се одржа во Истанбул, Турција. Тоа меѓународно признание дополнително потврдува дека оваа компанија е еден од стартапите со најголем потенцијал за пораст во 2019 година. Овој податок е исто така во повеќе наврати јавно презентирано преку страниците на Фондот, но не беше споменато на денешната прес конференција.
Трето, од податоците што денес ги презентираше оваа политичка партија се (само)демантираат вчерашните обвинувања за „10,5 милиони евра изнесени од Фондот“. Средствата за ко-финансирање се во износ од 210.000 евра, од кои, досега, според утврдениот квартален систем се исплатени само дел од средствата. Намерно или случајно, се заборава да се спомене и податокот дека компанијата „ПауерАд“ вложува сопствени финансиски средства во износ од 95.000 евра.
Четврто, уште еднаш информираме дека Одлуката за финансирање на компанијата „ПауерАд“ е донесена во декември 2018 година, заедно со уште 60тина други компании. Два месеци предходно (во октомври) побарана и доставена е и Изјава за сопственичка структура. Потсетуваме дека обврската за доставување на Изјавата е воведена во рамки на истиот јавен повик, при што првично беше побарана за 79 компании за кои веќе беше донесена одлука за финансирање во јули 2017г. Изјавата е составен дел од апликацискиот пакет за сите јавни повици оттогаш. Исто така, и во оваа реакција обрнуваме внимание на фактот дека за секоја промена во сопственоста, по доставување на изјавата, а во период од 3 години по завршување на проектот, корисникот на средства има обврска да побара согласност од Фондот.
Петто, информираме дека во тек е ревизија на користењето на средствата од Фондот кај компанијата „ПауерАд“, што е дел од редовниот процес на мониторинг. Истиот го вршат две странски реномирани ревизорски куќи – Дилојт и Грант Торнтон. Зависно од наодите од ревизијата, ќе се донесе одлука за продолжување на финансирањето на проектот. Во овој дел, посебно нагласуваме дека ревизијата на користењето на средства од Фондот е редовна процедура која се врши на квартално ниво за сите компании – корисници на грантови од ФИТР и е основа без која не е можно продолжување на финансирањето на компаниите во следниот квартал.
Шесто, во рамки на проектната апликација и буџет нема предвидени средства за набавка на „луксузни возила“, ниту пак овие трошоци се подобни за финансирање преку некоја од програмите на Фондот.
Последно, Фондот во изминатите 24 месеци обезбеди поддршка од Владата и Светската банка за над 300 домашни компании, со преку 15.000 вработени. Во тие рамки над 100 старт ап компании реализираат свои проекти, а се креираше и посебен Фонд за млади умови, чија цел е нивно задржување во државата. Износот на поддршата за домашните фирми е над 3.200% повисока од периодот до 2017 година.
Горенаведените напори на ФИТР за воведување на иновациската култура во земјава беа исто така меѓународно препознаени и вреднувани. Најновиот извештај на Глобалниот иновациски индекс (ГИИ) за 2019 година покажа дека Република Северна Македонија се наоѓа на 63то место, што во споредба со лани, е скок од 25 места погоре на листата земји кои вложуваат во иновациска инфраструктура“, наведе Фондот за иновации во реакцијата.