Претставници на осумте локални музеи од државата формираа „Мрежа на локални музеи” во рамки на манифестацијата „Денови на македонските музеи” што се одржа викендов во Крива Паланка, во организација на Градскиот музеј.
-Локалните музеи се ставени зад маргините на институциите и установите во културата со нивниот нерамноправен третман наспроти националните установи, што се гледа во законските одредби на Законот за култура и Закон за музеите. Дополнителна дискриминација на локалните музеи, а може да се каже и на општините каде делуваат се огледа во ноншалантниот и неквалитетен третман од Министерството за култура при утврдување на листата на мрежа на национални установи од областа на кулутурата во 2013 година. Истата е утврдена без водење сметка за единствените национални вредности кои треба да ги имаат тие национални установи. Во периодот пак, од 2007 до 2016 година се формирани нови шест национални музејски установи со директно финансирање од државен буџет, а и вработувањата се насочени во националните на сметка на одлив на кадри за локалните музеи, посочува Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј–Крива Паланка.
Присутните претставници на осумте локални музеи на оваа манифестација формираа мрежа во која сите ќе дадат свој придонес за подобрување на нивните услови за работа, но и нивниот статус во државата.
Во мрежата учествуваат локалните музеи: Музеј на град Скопје, Народен музеј – Велес, Музеј на Град Кратово, Народен музеј – Свети Николе, Музеј на град Неготино, Музеј и галерија – Кавадарци, Археолошки и историски музеј – Виница и Градски музеј – Крива Паланка.
– И средствата од годишната програма не се рамномерно распределени на националните наспроти локални музеи. Од друга страна пак, музеите се места на туристички движења и туристичка посета и нужно е нешто околу и за нив да се промени, подобри и организира. Токму поради тоа, мрежната организираност и самоорганизираност на локалните музеи очекуваме да ги подобри присутноста , видливоста, но и статусот на истите. Така, музеите ќе можат да фатат чекор со модерните трендови и прилагодувања кон туризмот и туристичките рвижења, оформување нови поединечни или заеднички туристички пакети, со цел подобра кондиција и финансика одржливост на локалните музеи, при моменталните „правила на игра”, додава Величковски.
На денешниот втор ден од манифестацијата „Денови на македонските музеи”, поддржана од Министерството за кулутра и локалната самоуправа, пред платото на ЛУ Градски музеј-Крива Паланка се одржа саем на локалните музеи од државата.