Светски познатиот италијански музичар, пејач и текстописец Ерос Рамацоти вечер во 20 часот ќе одржи концерт во А1 арената во Скопје, во рамки на неговата светска турнеја, што почна на 17 февруари и на која го промовира најновиот студиски албум „Vita ce n’e”, што излезе на 23 ноември минатата година.
Како што е најавено, вратите на А1 арената за посетителите на вечерашниот концерт ќе бидат отворени во 18:30 часот.
Покрај песните од најновиот албум „Vita ce n’e”, најпознатата италијанска поп ѕвезда ќе ги испее и неговите светски познати стари хитови, меѓу кои се „Un’ altra te”, „Cose della vita”, „Favola”, „Terra promessa”, „Quanto amore sei”, „Un attimo di pace”, „Аdesso tu”, „Un’ emozione per sempre”, „Fuoco nel Fuoco”, „Se bastasse una cancone”, „Musica e”, „Una storia importante”, „Piu bella cosa”, „Un angelo distesо al sole” …
Оваа негова голема светска турнеја опфаќа повеќе од 30 градови и 90 концерти.
Од 1984 година, досега, Рамацоти објави 11 студиски албуми, три компилациски албуми, три албуми во живо и 37 синглови. Тој има продадено над 60 милиони плочи во неговата 30-годишна кариера.