Заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар учествуваше на конференцијата за запознавање и промоција на регионалниот проект „Зајакнување на млади преку нови можности, кој ќе се спроведува во Северна Македонија, Србија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина кој го спроведува СОС Детско село во соработка со Херман Гмајнер Фонд Германија.
Во проектот ќе бидат вклучени 1.600 млади во социјален ризик на возраст од 16 до 35 години кои се социјално исклучени, со низок приход и немаат можност самостојно да го подобрат економскиот статус. Целта на проектот е зајакнување на младите што ќе резултира со подобрени можности за вработување и нивно активно учество на пазарот на труд.
Младите лица се соочуваат со низа проблеми за влез на пазарот на трудот како што се: несоодветност на стекнати знаења и вештини во формалниот образовен процес со реалните потреби на пазарот на трудот, просечниот период за премин на младите лица од училиште на работа (2,5 години), како и недоволниот и квалитетен број на понудени слободни работни места. Тука е и проблемот на млади кои не се во евиденција на вработени, не се во образовен процес, ниту се во процес на обуки во државата. Од вкупниот број на евидентирани млади во Агенцијата за вработување, 4311 се со средно гимназиско образование, 8722 млади лица се со непотполно средно или завршено средно образование, додека 3539 млади евидентирани невработени лица се без образование или со основно образование.
Токму затоа заменикот министер Бајрактар го поздрави овој проект и порача: „Имате амбициозна цел, да ги подобрите практиките за вработување и активно учество на пазарот на трудот на 1.600 ранливи млади, од кои 300 млади лица од нашата држава, но и зајакнување на капацитетите на граѓанските организации и Центрите за вработување кои треба да ги обезбедат услугите до оваа целна група. Успешното спроведување на оваа активност, на крајот се надеваме дека ќе вроди со препораки за промена на некои политики, кои ќе придонесат кон поголема вработливост на младиот човек, што ќе значи и запирање на одливот на младите мозоци од Република Северна Македонија и земјите на балканскиот регион”.
Оваа регионална иницијатива ќе придонесе кон реализирање на низа глобални цели за одржлив развој, како што се намалување на невработеноста и сиромаштијата, квалитетно образование и вработливост и економски развој.