ЈП „Комунална хигиена”- Скопје денеска започна есенска акција за генерално чистење на општината Сарај. Во рамките на акцијата, екипите на Претпријатието ќе извршат отстранување на дивите депонии, како и рачно и машинско метење и миење на главните и на споредните улици.
Во реализацијата на активностите се ангажирани 30 работници на терен, додека од механизацијата се употребуваат четири автоцистерни, три специјални комунални возила – метларки, четири специјални комунални возила – патарки, три камиони и втоварувач.
Директорот на ЈП „Комунална хигиена” –Скопје, Абдусамед Шабани и градоначалникот на општината Сарај, Блерим Беџети, го означија почетокот на денешната акција со посета на Факултетот за исламски науки и средното училиште „Сарај”.
„ЈП „Комунална хигиена”- Скопје денеска продолжува да ги реализира есенските акции за генерално чистење на скопските општини што ги започнавме по повод Светскиот ден на чистењето. Во општината Сарај особено ќе бидеме ангажирани во одржувањето на највисокото ниво на хигиената и чистотата на дворовите и непосредната околина на образовните институции, како и споменикот на природата „Кањон Матка”, којшто минатата година го преземавме под наша ингеренција.” – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена”-Скопје, Абдусамед Шабани.