Зајакнато чување на границите со зголемени патроли, префрлање на бегалци и мигранти од островите во други делови на земјата, поголем број враќања, интернационализација на проблемот, како и забрзување на процесот за доделување азил, но со построги услови, се одлуките донесени на денешната седница на грчката влада во врска со проблемот што е „веќе мигрантски, а не бегалски”, согласно соопштението од заменикот министер под премиерот и владин портпарол Стелиос Пецас, jави дописничката на МИА од Атина.
На неколкучасовната седница во премиерската палата, опширно биле разгледани последните случувања поврзани со бранот бегалци и мигранти во Грција, но и нацрт законот за одобрување азил во земјата.
-Врз основа на анализата на статистичките податоци за националноста на оние кои влегуваат во земјата, заедничко убедување е дека веќе станува збор за мигрантски проблем, а не бегалски, соопштува Пецас.
Владата донела одлука дека за справувањето со конкретниот проблем, потребна е комбинација од неколку мерки, меѓу кои:
-засилено чување на границите, особено со зголемени патроли во морето;
-изградба на затворени центри за оние кои нелегално влегле во земјата и немаат право на азил или нивното барање е одбиено;
– зголемување на враќањата назад од 1.806 за четири и пол години за време на претходната влада на СИРИЗА, на 10 000 до крајот на 2020 година;
– составување список на „безбедна земја”, така што таму веднаш да се враќаат оние кои нелегално влегле во Грција;
– продолжување со префрлувањето бегалци и мигранти од островите во источниот дел на Егејското Mоре во внатрешноста на земјата;
– интернационализирање на проблемот.
Министерот за цивилна заштита на Грција, Михалос Хрисохоидис, го претставил нацрт законот за доделување азил, според кој процедурата ќе се забрза, но ќе биде и построга.
Целта на законот, како пто соопштува портпаролот на грчката влада е да развие нов, компактен, ригорозен, праведен систем на азил, да постави јасни и прецизни правила и да ги елиминира последиците претходната легислатива што доведе до неодреден број странци кои властите не можат да ги пронајдат, а според тоа не можат да се вратат во земјите на потекло.
Од друга страна, основните принципи на предлог законот, според Пецас, се целосно почитување на правата на барателите на азил, предвидени согласно европското право, барателите да соработуваат со властите; вклучување во системот за азил само на оние баратели кои имаат профил на бегалци и задржување во системот само на оние што ги исполнуваат нивните обврски .
Целта на предложените одредби е процедурите да завршуваат во рок од три месеци.