Исламските екстремисти во Сомалија изведоа два напади врз воените цели на САД и Европа, соопштија денеска официјалните лица.
Во првиот напад целта била воената воздушна база во јужниот дел на Сомалија, каде што експлодирал автомобил на влезот на пистата и како што пренесува АП, се слушнале неколку помали експлозии во базата.
Одговорноста за нападот ја презеде екстремистичката група Ел Шабаб.
Во друг напад, автомобил експлодирал во италијански воен конвој во Могадишу.
Во овој напад не е повреден ниту еден од италијанските војници, но повредени се цивили недалеку од местото на експлозијата.
Новинската агенција Анса објави дека експлозијата одекнала кога конвојот минувал низ улиците на Могадишу.
Осврнувајќи се на неименувани извори, агенцијата соопшти дека станува збор за две воени возила кои се враќале во базата по вежбата.