На седницата на Централниот одбор на зелената партија ДОМ, одржана вчера, се дискутираше за актуелната политичка состојба, за заклучоците од стратешкото планирање на ДОМ за периодот 2019-2024 и за идните активности. Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, го истакна значењето на одлуката на германскиот Парламент за започнувањето на преговорите на нашата земја со ЕУ. Таа ја нагласи и континуираната поддршка што ја добиваме од страна на Европските зелени во однос на ова прашање, која на нејзин предлог беше реафирмирана и на неодамнешната лидерска средба на Европските зелени партии во Брисел.
ДОМ е на ставот дека очекуваната позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври ќе биде дополнителен поттик за развој на европските вредности, демократијата, владеењето на правото и неселективната правда, почитувањето на човековите права, како и на економскиот прогрес на македонското општество.
Членовите на ЦО на ДОМ искажаа задоволство од формираната иницијатива во Собранието, за една изборна единица.
„Реализирањето на оваа долгогодишна заложба на ДОМ ќе овозможи секој политички субјект самостојно, со своја предизборна програма да настапи на избори. Тоа ќе овозможи и поправична претставеност на граѓаните во Собранието и развој на демократијата“, смета партијата.
Централниот одбор ја разгледа информацијата и за претстојната посета на Европските зелени на ДОМ, во чии рамки поранешниот европратеник и член на Комитетот на Европските зелени, Томас Вајс, ќе учествува како панелист на конференција за климатските промени.
На состанокот на Централниот одбор се дискутираше и за еколошки теми, како решавање на проблемот со одлагање на фармацевтски отпад од домаќинствата и забрана за пластични производи за еднократна употреба.