Неочекувано кошаркарскиот прволигаш АВ Охрид од денеска престана да постои. На само пет дена пред стартот на новата сезона во македонското првенство, играчите на охридскиот клуб ќе мораат да побрзаат да си побараат нови средини. Оваа неубава информација за охриѓани и за љубителите на спортот воопшто ја соопштија неколку членови на екипата. Причините не им се познати, но се најавува дека ќе бидат презентирани по вечерашниот состанок на раководството и стручниот штаб.
Охрид новата сезона ја чекаше амбициозно. Ангажираа нов тренер и повеќемина квалитетни играчи за да бидат конкурентни во шампионатот. Но, се случи она што никој не го посакуваше и помислуваше, по три сезони клубот престана да постои.
Ова е уште една неубава приказна во македонската кошарка, по онаа со Блокотехна.