Друштвото за издавачка куќа „Македоника литера“ од Скопје деновиве ја објави книгата со раскази за деца „Дарко во ЗОО паркот“ на македонскиот писател Киро Донев.
Оваа е деветта книга од овој автор објавена од „Македоника литера“.
Најновата книга на Киро Донев е поделена во два дела, во првиот – „Дарко во зоо паркот“ се објавени триесетина текстови во кои се претставени исто толку животни. Претставени се преку разговор што го води главниот лик – младиот новинар Дарко. Всушност, најпопуларните животни за децата се претставени низ дијалози од аспект на самите животни. На овој начин Киро Донев ги потенцира хуманите односи меѓу човекот и животните.
Вториот дел на книгата е насловен со „Приказни за годишните времиња“. Објавени се триесетина текстови кои се однесуваат на четирите годишни времиња, но во сите нив основната тема се животните и природата.
Киро Донев е познат и широко прифатен од младите читатели по инвентивниот хумор и ведрината во неговото творештво, а тоа е присутно и во оваа книга. Иако се наменети за помлада целна група на читатели, неговиот препознатлив хумор ја брише границата меѓу хуморот наменет за најмладите и за возрасните читатели.
Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на четириесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори, не само кај писателите за деца, туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Република Македонија. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици