Заев – Ципрас: Договорот од Преспа ја смени реалноста меѓу двете земји

Во срдечна и пријателска атмосфера вечерва се одржа средбата меѓу претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас, кој е во нашата земја на покана на угледниот магазин „Економист“ како еден од главните говорници на Самитот за Западен Балкан – „Зајакнување на моментумот на европските интеграции“ што се одржува во Скопје.

Двајцата соговорници на средбата разговараа за придобивките од Преспанскиот договор и нагласија дека договорот ја заслужува севкупната поддршка од двете земји. Решението постигнато со договорот потпишан во Преспа ја смени реалноста меѓу двете земји и создаде нова, позитивна динамика во односите меѓу земјите во регионот, заклучија премиерот Заев и поранешниот грчки премиер Ципрас.

Низ разговорот беше констатирано дека од 17 јуни минатата година соработката меѓу двете земји се продлабочува, откако беше поставена на темелите на договорот за ново пријателство и стратешко партнерство. На средбата Заев и Ципрас констатираа поголем број придобивки како што е зголемената трговска размена за 20% за само една година, покренатите постапки за нови гранични премини меѓу двете земји, блиската соработка во сферата на одбраната како дел од заедничките политики што произлегуваат од НАТО, во делот на безбедносната контрола на небото над Северна Македонија (Аir Policing), како и зајакнувањето на соработката во повеќе други области.

На средбата во кабинетот на премиерот Заев заеднички беше поздравено скорешното полноправно членство на нашата земја во НАТО, чија завршна фаза, ратификацијата на Протоколот за пристапување, започна токму во парламентот на Република Грција. Двајцата соговорници на средбата ја поздравија силната поддршка за отпочнување на преговорите меѓу нашата земја и ЕУ, за која оценија дека доаѓа не само како резултат на Преспанскиот договор и позитивните ефекти на решавањето на билатералниот спор меѓу Северна Македонија и Грција, туку и заради исполнувањето на домашните реформи.

 

 

Треба да знаете
Последни објави