Сопственикот на издавачката куќа „Ѓурѓа“, Никола Костески преку Фејсбук соопшти дека книгата на поранешниот премиер Никола Груевски, сега е достапна и на англиски јазик.
-Можам само да се заблагодарам на институциите на Република Унгарија, кои по деталните интервјуа и проверки по моето доаѓање тука, како независни институции на суверена држава, проценија дека има доволно причини да добијам заштита преку доделување на политички азил во согласност со меѓународните конвенции и унгарското законодавство како земја членка на Европската унија и на НАТО. Без тоа, оваа книга, немаше да биде во Вашите раце, стои во предговорот на книгата.
Груевски, исто така најавува друга книга, во која ќе бидат детално анализирани околностите кои довеле до тоа да бара политички азил во странство.
Книгата е всушност неговиот докторски труд на тема ,,Економските ефекти на различните видови на меѓународни текови на капитал со посебен осврт на Република Македонија“ одбранет во јули 2018 година на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со што тој стана доктор по економски науки.
Според издавачката куќа ,,Ѓурѓа” за изданието на англиски јазик огромен интерес пројавиле голем број на светски библиотеки и најпознати универзитети.
-Книгата на Д-р Никола Груевски, ,,Искуства за иднината”, која на македонски јазик беше промовирана на овогодишниот Саем на книгата, сега пред читателите е и изданието на англиски јазик.За изданието на англиски јазик голем интерес пројавија најголемите библиотеки во светот, како и најпознатите светски универзитети. Преводот е на нашата соработничка Катерина Талеска, а лекторирањето на текстот го изврши професорот Кевин Холанд. Рецензенти на книгата се Проф. Д-р Михаил Петковски и Проф. Д-р Живко Поповски – информираат од ,,Ѓурѓа”.