Селекторот на македонската репрезентација за фудбалери до 21 година, Боби Милевски, го објави списокот на фудбалери за претстојните квалификациски натпревари против Црна Гора и Казахстан. Во таборот на младинската репрезентација владее оптимизам по убедливата победа од 7-1 на премиерниот дуел со Фарските острови, но јасно е дека вистинските предизвици за нашите млади фудбалери допрва следат.
Милевски се реши и за следниот двомеч да ги повика истите фудбалери кои беа во комбинација за премиерниот дуел со Фарски острови, а единствено дополнување е повикот до Марко Ѓоргиевски од Вождовац, кој ќе дебитрира за националниот тим.
-После овие два натпревари со Црна Гора и Казахстан ќе имаме многу појасна слика и за нашите шанси и можности во квалификациската група. Нашата цел е да бидеме конкурентни и да се надеваме на пласман на ЕП. Но, одиме натпревар по натпревар, размислуваме сега за Црна Гора, а потоа и за Казахстан. Се надевам дека сите повикани фудбалери ќе пристигнат здрави и подготвени за настап, изјави Милевски.
Првиот собир е закажан за 7 октомври, три дена подоцна Македонија ќе гостува на Црна Гора, по што на 15 октомври ќе следи и домашниот натпревар против Казахстан.
„Црвено-жолтите“ досега одиграа само еден меч во овој квалификациски циклус, труимфирајќи над Фарски острови со 7-1. Казахстан има две победи на првите четири средби во групата, додека Црногорците досега одиграа три натпревари, притоа бележејќи само една победа, од 3-0 над селекцијата на Фарски Острови.