Џафери се надева дека и Шпанија ќе го ратификува протоколот за НАТО до декември

Од 29 земји, 22 досега го имаат ратификувано Проколот за членство на земјава во НАТО. Во шест држави постапките се во процедура, во зависност од тоа дали парламентите се еднодомни или дводомни. Останува нејасно прашањето по однос на ратификацијата на Шпанија.

Ова денеска по неформалната средба со новинарите го изјави претседателот на Собранието Талат Џафери.

– Она што се уште е нејасно е прашањето по однос на ратификацијата во Шпанија, не поради односот на Шпанија кон Северна Македонија, туку поради политички состојби внатре во Шпанија, имајќи предвид дека по последните избори што ги имаа годинава, до 25 септември не успеа да формираат влада и кралот таму прогласи нови избори за ноември годинава, рече Џафери.

Посочи дека според најавите оттаму има надеж дека и тие ќе завршат со процесот до почетокот на декември, но во секој случај, како што рече, хипотетички ако не се случи тоа, после празниците, пред Нова година или по Божиќните празници, на првиот состанок на Северноатлантскиот совет, што се одржува секојка недела може да се упати покана и со тоа да се формализира полноправното членство на Северна Македонија во НАТО.

– Во тој контекст мислам дека не е проблем за нашава земја имајќи предвид дека овие рокови во други случаи траеја минимум 18 месеци. До декември очекуваме тоа да се заврши за девет месеци, ако се продолжи за еден месец не е никаков проблем ни од политички аспект ни од било кој аспект од очекувањата, коишто очекуваме до крајот на годината евентуално почетокот на наредната година да бидеме членка на НАТО, зашто тој процес веќе е завршен и е неповратен”, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Минатата недела на средбата во Њујорк премиерот на Шпанија Педро Санчез, на премиерот Зоран Заев му соопштил дека шпанскиот Парламент сепак би можел до крајот на ноември да ја заврши процедурата за ратификација на пристапниот протокол за НАТО за Северна Македонија.

Изборите во Шпанија се закажани на 10 ноември.

Треба да знаете
Последни објави