Денеска и утре продолжуваат фудбалските возбудувања со мечевите од елитното клупско натпреварување Лигата на шампионите. Во 2. коло од групната фаза денеска се играат натпреварите од А до Д групата. Две средби се закажани во терминот од 18.55 часот, а преостанатите шест од 21 часот.
Македонскиот претстваник во ова натпреварување, репрезентативецот Ариан Адеми ќе го предводи со капитенската лента хрватскиот првак Динамо Загреб на гостување во Манчестер кај Сити. Двете екипи имаа победнички старт во групата. „Граѓаните“ како гости кај Шахтјор, а Динамо пред своите гледачи со Аталанта.
Во Англија, кај Тотенхем во Лондон ќе гостува и германскиот првак Баерн. Овој дуел треба да понуди најголема неизвесност кога е во прашање резултаскиот исход.
На поправен испит по убедливиот пораз на стартот ќе излезе Реал Мадрид кој неочекувано лесно и убедливо беше поразен од францускиот ПСЖ (0:3). „Кралевите“ ќе се вадат против белгискиот Бриж. Новодојденецот во Реал Мадрид, белгискиот репрезентативец Еден Азар, пред натпреварот против Бриж верува дека ќе одиграат добар натпревар.
– Знам дека јавноста очекува многу од мене. Го очекувам истото и јас. Главниот критичар сум на сам себе. Имаме одличен состав. Работејќи напорно од ден на ден, можеме да го постигнеме она што го сакаме. Не верувам дека ќе биде лесно само затоа што ќе играме со белгискиот клуб, изјави Азар.
Двојки за денеска
Група А – Реал Мадрид – Бриж (18.55 ч.), Галатасарај – ПСЖ (21 ч.)
Група Б – Тотенхем – Баерн (21 ч.), Ц, звезда – Олимпијакос (21 ч.)
Група Ц – Манчестер сити – Динамо Загреб (21 ч.), Аталанта – Шахтјор (18.55 ч.)
Група Д – Локомотив Москва – Атлетико Мадрид (21 ч.), Јувентус – Баер (21 ч.)