Во МАНУ денеска се одржа дискусија на тема „Здравјето во нашите урбани политики – колку се здрави нашите градови”, чија цел беше да се направи поврзување меѓу креаторите на политики на централно и локално ниво, планерите и архитектите, здравствените работници, академската фела и граѓанскиот сектор, пред носењето на буџетите за 2020 година, но и да се презентираат одредени позитивни практики, соопштиј Општина Карпош.
Од досегашните позитивни практики, градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев го издвои „Прашалникот за здрави навики” што Општината го имплементираше со Институтот за јавно здравје, во рамки на проектот INHERIT 2020 HORIZON
Имено, овој Прашалник, се имплементираше пред носењето на Буџетот за 2019 година, преку кој граѓаните имаа можност да ги мапираат главните проблеми во областа на животната средина, инфраструктурата, сообраќајот и социјални аспекти од живеењето. Голем број од посочените проблеми и предлози беа интегрирани во Буџетот за 2019 година.
– Карпошани беа вклучени во креирањето на Планот на активности за одржлива урбана мобилност, кој го подготвивме во рамки на Европската недела на мобилност. Жителиите доставуваа забелешки во електронска форма или преку пополнување на формулар, кој беше дел од општинскиот магазин „Карпош ИН”. Беа посочени повеќе проблеми за мобилноста во сообраќајот, потребата од повеќе вело патеки и слично, при што, овие забелешки помогнаа да направиме реален документ – патоказ за подобрување на мобилноста во Карпош, рече Богоев.
Во однос на темата и за урбанистичките предизвици со кои се соочени локалните самоуправи, Богоев напомена дека и во тој дел Карпош направил чекор напред.
– Од период кога на јавните презентации за предлог–деталните урбанистички планови учествуваа само неколкумина граѓани, денеска имаме примери кога за истите се известува и по традиционалните, но и по новите медиумите, а и се поставуваат информативни флаери низ урбаните заедници. Примарната цел е партиципативноста да овозможи повисок квалитет на одредена услуга, решение или проект, а вклучувањето на граѓаните да биде ефективно. Само така се задоволува целта на сите чинители, истакна градоначалникот на Општина Карпош.