Прирачникот за безбедна етичка работа на снимателите во медиумите што денеска беше промовиран во Клубот на новинари ќе им овозможи на снимателите насоки и препораки за професионална работа, а воедно е алатка во функционирањето на редакциите, како и запознавање на јавноста со улогата и одговорностите на оваа професија. Прирачникот, како што рече на промоцијата медиумскиот експерт, Марина Тунева, ќе ги разјасни постоечките правни и етички стандарди за работата на снимателите, ќе ја поедностави нивната работа со насоки за начините на кои треба да постапуваат во конкретни ситуации и ќе помогне за спроведување одредени стандардни постапки при снимањето.
-Професијата на снимателите е многу повеќе од поставување камера и снимање. Професионалниот предизвик на снимателите не се сведува на тоа да проценат каде ќе започне и каде ќе заврши снимката. Одговорни се за сето она што се случува помеѓу првиот и последниот кадар, а од нив се очекува добро да ја познаваат природата на настанот, случувањата и за објектите, како и публиката за која е наменет резултатот од нивната работа, појасни Тунева.
Маријана Марушиќ Кос, која е коавтор на прирачникот, посочи дека во него се прави осврт на националната законска рамка и одредбите што директно ја засегаат оваа професија.
Со дополнително зајакнување на правната и етилка рамка во работењето на снимателите во медиумите, како што рече таа, ќе се овозможи поголема поддршка за оваа професија, но и ќе се придонесе кон поголема професионализација во работењето на медиумите.
Извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски истакна дека потребата од Прирачникот се јавила по барање од страна на снимателите до ЗНМ за да дадат појаснување во етичките стандарди и правните норми, кои се ограничувањата и слободите при снимањето на терен.
Публикацијата е подготвена во рамки на проектот „Безбедни новинари за кредибилни информации во Македонија” поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.