Презедовме над 70 илјади, речиси 75 илјади неразгледани барања за азил, а на тоа се додаваат и оние на тие што пристигнаа, бидејќи сите овие луѓе, првиот збор што го кажуваат е „азил”, вели алтернативниот министер за цивилна заштита надлежен за миграциска политика, Јоргос Кумуцакос во интервјуто за грчката телевизија „Антена”, jави дописничката на МИА од Атина.
-Од минатиот мај до денеска имаме реално зголемување на бранот, што се должи на случувањата во соседната земја, без разлика дали е тоа поради тоа што се туркаат илјадници нелегални мигранти или бегалци од Истанбул на исток и ова создава притисок на крајбрежјето на Егејското море, бидејќи стотици илјади се во Истанбул и се префрлаат кон исток. Другиот извор на овој бран се случувањата во Сирија, објасни Кумуцакос.
Алтернативниот министер задолжен за миграциска политика истакна дека потребен е силен и решителен одговор од државата за справување со проблемот, за кој грчката влада вели дека веќе е мигрантски, а не бегалски. Тој објасни дека токму затоа се прави поделба на бегалци и мигранти, а во земјата 75 отсто од мигрантите се Авганистанци.
Во интервјуто, Кумуцакос ги повтори и одлуките донесени на вчерашната владина седмица, како што е забрзување на процесот за азил, „за да знаеме кои имаат право на меѓународна заштита, а кои немаат и нелегално се во земјата и треба да се вратат назад”, зајакнување на патролите на границата и иницијативи на меѓународно ниво.
Тој додава дека во Грција има владеење ма правото, но земјата „има должност и да се заштити самата себе”.
Кумуцакос објасни дека главната дестинација за депортирање е Турција, согласно договорот ЕУ-Турција, а другата категорија се оние кои треба да се вратат во земјите од кои дошле, кои што се трети земји, како на пример Авганистан, Пакистан, Ирак.
-Во изминатите години и поради идеолошка заробеност и поради бирократски недостатоци и законска нерегулираност, земјата за три години, во Турција врати помалку од 1800 луѓе. Ова е резултат и на перцепции и на неисправно водење на целата ситуација. Оваа влада е решена правилно и целосно да ги спроведе депортирањата и ова ќе ни да де можност, со поголем интензитет и решителност да побараме од Турција целосно да го спроведе нејзиниот дел од обврските, односно да ги искоренат мрежите на криумчарите и да спречи појавување на нови мигрантски рути, рече Кумуцакос во интервјуто за утринската информативна емисија на ТВ „Антена”.
Во однос на владината одлука за создавање затворени центри, тој објасни дека тие ќе бидат наменети за оние кои се нелегално во земјата.