Американскиот весник „Њујорк тајмс“ дознава дека на разговорот помеѓу претседателот Доналд Трамп и украинскиот претседател Зеленски, на 25 јули, присуствувал и државниот секретар Мајк Помпео, со што скандалот расте и не оди во прилог на Трамп. Во телефонскиот разговор, Трамп бара услуга од Зеленски, да започне истрага против поранешниот потпретседател Џо Бајден.
Демократите сега го обвинуваат Помпео за молчење, „иако знаел дека се работи за противправен акт и загрозување на националната безбедност“. Помпео е повикан да сведочи пред одбор во Претставничкиот дом, и до петок тој треба да потврди дали тој ќе биде еден од сведоците во истрагата на Конгресот за импичмент на Трамп. Во материјалите од свиркачот кој го откри скандалот се споменува и името на Курт Волкер, американски претставник за Украина кој веќе си даде оставка и во треба да сведочи в четврток.
Во меѓувреме, Мич Меконел, лидер на републиканското мнозинство во Сенатот изјави дека доколку долниот дом на Конгресот изгласа отповикување на претседателот, законот наложува Сенатот да свика судење за импичмент, кое ќе биде претседавано од врховен судија на Уставниот суд.
Денеска, некои американски медиуми објавија и дека администрацијата на Трамп барала помош од уште една странска сила во однос на руската вмешаност во изборите и истрагата на специјалниот советник Роберт Малер. Се дозна дека државниот обвинител Вилијам Бар неколку пати побарал службите на Австралија да истражуваат за истрагата на Милер.
Демократите сега и од него бараат да си даде неотповиклива оставка поради наведување странска сила да се меша во политичките процеси на САД.
Конгресната Комисија за разузнавање го повика на сведочење и личниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани, кој е во центарот на скандалот и за кого се смета дека е инспираторот на идејата да се бараат компромитирачки материјали за семејството Бајден во Украина. Џулијани е постојано во дослух со претседателот и работи во својство на негов советник, иако нема функција во Администрацијата.
Поранешниот потпретседател Бајден, еден од најверојатните демократи кои се борат за номинација претседателски кандидат, е голем политички противник на претседателот.
Истакнати републикански стратези и политичари денеска повикаа дистанцирање на Републиканската партија од Трамп и да се побара неискомпромитиран кандидат за претседател на изборите во 2020 година “бидејќи ако Трамп биде отповикан ќе изгуби секаков кредибилитет да ја води партијата на избори“.
Резултати на анкета на телевизијата „Си-Би-Ес“ објавени денеска укажуваат дека Американците се поделени во однос на прашањето за импичмент – повеќе од 47 проценти одобруваат отповикување на претседателот Трамп, додека 47 проценти се против. Бројот на оние што се за сега е поголем од минатата недела кога само 37 проценти одобрувале импичмент.