Амбасадорот на Унгарија во ЕУ Оливер Вархељи ќе биде кандидат на Будимпешта за европски комесар, изјави синоќа унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Претседателката на Европската комисија Урсула фор ден Лејн вчера и официјално побара од Будимпешта и Букурешт да предложат нови кандидати за комесари, откако Комисијата за правни работи ги одби претходно предложените Ласло Трочањи и Рована Плумб поради судир на интереси.
– Не го одбив барањето на претседателката, но нема да изберам ниту еден од унгарските политичари. Во овие околности можам само да предложам технократ, некој кој ја знае ЕУ од внатре и не е политички кандидат, рече Орбан на прес конференција.
Тој додаде дека затоа го избрал Вархељи за официјален кандидат на Будимпешта и побарал од Фон дер Лејн да го контактира.
Претходно портпаролот на Орбан, Золтан Ковач оцени дека единствена вина на Трочањи е што ја заштитил Унгарија од миграција, додавајќи дека „промиграциските партии” не можат да поднесат комесар кој би ги затворил вратите за мигрантите.