Политиката влијае на психо-физичкото здравје
Следењето политика предизвикува стрес и го нарушува сонот, тврдат научниците. Истражување објавено во списанието „ПЛОС 1“, коешто ги разработува физичките и емоционални последици од следењето вести и од самото учествување во политички расправи, посочува дека политиката на луѓето им причинува несоница, стрес, па дури и анксиозност.
Кевин Смит, политиколог од Универзитетот на Небраска, САД, инаку автор на трудот, го набљудувал американското општество за време на претседателските избори 2016 година. Тој притоа интервјуирал 800 луѓе за една година и открива дека кај 40 отсто од испитаниците имало знаци на стрес поради политиката. Според испитувањето, 20 отсто од луѓето си расипале пријателства поради политички несогласувања. Исто така, еден од петмина тврди и дека се чувствува уморен, а околу четири отсто имале самоубиствени нагони поради политиката.
– Политиката навистина влијае негативно на животот на многумина, или барем тие така го сфаќаат тоа, па и навистина се одразува лошо на нивниот живот… Стресот е реална појава, којашто може да има катастрофални последици по здравјето. Ако политиката е причина за повисоко ниво на стрес кај возрасните Американци, тогаш – да, таа има вистински негативен ефект врз нивното здравје, вели Смит. Натаму, кај 31,8 отсто од испитаните, она што ќе го чујат, прочитаат или видат на вести, а се коси со нивните лични убедувања, ги збеснува. Дури 29,3 отсто сметаат дека поради политиката губат самоконтрола, а 11,5 отсто изјавиле дека политиката им влијае неповолно на физичкото здравје. Само 22,1 отсто признаваат дека не ги интересира многу тоа кој добива, а кој губи.