Денес во Скопје, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествуваше на панел дискусија насловена „Западен Балкан: Напуштање на ривалството и несигурноста”, која се одржуваше во рамките на конференцијата Самит на Западен Балкан – „Зацврстување на моментумот за европска интеграција”, а во организација на магазинот „Економист”. На панелот, покрај МНР Димитров, учествуваа и други високи претставници од регионот, НАТО и ЕУ, како и амбасадори и други претставници од дипломатскиот кор и академската заедница.
Министерот Никола Димитров во своето обраќање ја искористи приликата да аргументира за неопходноста од носење на позитивна одлука за почеток на пристапни преговори за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија во наредните седмици на Советот на ЕУ, како и да го афирмира нашето извесно членство во северно-атлантската организација – што треба и формално да се материјализира во наредните месеци, по комплетирањето на техничките процедури во земјите-членки.
МНР Димитров: „Пораката што ќе ни биде пратена нам е и порака до регионот, доколку Европската Унија е сериозна и стои позади тоа што го кажува, со политичка волја да го направи тоа што всушност го кажува. Влогот е исто така висок и за ЕУзатоа што доколку не постои кредибилитет на овој процес, тогаш немаат влијание. Немаме луксуз да испуштаме можности и ако ова го направиме како што треба, ќе излеземе победници и ние, и регионот, и нашите соседи и Европската Унија на 15 октомври.“
Министерот Димитров изрази задоволство што влијателниот Еconomist одлучи да организира конференција на високо ниво во земјава, токму во пресрет на одлуката на Советот на ЕУ, како и во период кога политиката на проширување на НАТО, преку членството на нашата држава во Алијансата, испорачува опиплив придонес во контекст на градење на стабилен и безбеден регион: „Мислам дека не можеше конференцијата да се одржи во подобро време, би сакал да му се заблагодарам на тимот во Атина што работи за „Економист” за организирање на овој настан денес, точно 14 дена пред нашето „рандеву” со историјата во Луксембург. Со мислите ќе бидеме таму во иста просторија каде што ќе се одвиваат дискусиите.“
На трибината посветена на политичко-безбедносната соработка во регионот на Западен Балкан, МНР Димитров истакна дека перспективите за европска и евроатлантска интеграција претставуваат главна поткрепа за негување на заедничка стратешка визија во регионот и за култивирање на заедничките стратешки цели, како и мотив за градење на безбедна регионална околина преку инклузивен пристап. Дополни дека природата и димензијата на предизвиците со кои се соочуваме денес ја надминуваат националната сфера и наметнуваат потреба од зголемена транснационална соработка.
МНР Димитров: „Во НАТО главно станува збор за стабилноста и безбедноста, но мислам дека силата на една земја не лежи само во тоа колку е силна нејзината војска, туку и во тоа колку е моќна и просперитетна нејзината економија, колку пријатели имаме и колку од тие пријатели се доволно блиски за да бидат со нас кога ни се потребни. Силата лежи и во тоа колку се цврсти нашите институции и тука настапува европскиот процес. Некои од вредностите меѓу двете институции се преклопуваат и кога му се обраќаме на народот, на граѓаните им велиме дека НАТО е структурната потпора на нашата куќа и покривот над нашите глави, а пристапниот процес во ЕУ е алатка, „шема” за тоа што треба да го направиме за да реновираме дома. Да сеисчисти куќата и да се реновира. И ова е процес што се надеваме дека ќе можеме да го забрзаме на 15 октомври.“