Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и меѓународен секретар на партијата, Влатко Ѓорчев присуствува на Конференцијата на Конзервативната партија на Велика Британија во Манчестер како дел од програмата на Вестминстерската фондација за демократија (ВФД).
Ѓорчев при посетата оствари повеќе билатерални средби со челници на Конзервативната партија и британски пратеници.
Ѓорчев се сретна со д-р. Џон Хејвард, директор на форумот за политика на Конзервативната партија. Д-р. Хејвард во наредниот период ќе ја посети Македонија во рамките на програмата на Вестминстерската фондација за демократија (ВФД) и ќе одржи предавање во делот на неговата експертиза за политички програми.
Воедно, Ѓорчев оствари средба со пратеникоТ Алек Едвард Шелбрук, член на Британскиот парламент од 2010 година. Ѓорчев истакна:
„Со Алек се познаваме и соработуваме долги години. Тој е потпретседател на меѓународниот директорат на Конзервативците. Го информирав за актуелните состојби во Македонија. Двајцата ја поддржуваме слободната трговија и економските слободи, како начин за економски просперитет и напредок на државите. Македонија и Велика Британија имаат одлична политичка и економска соработка, а ВМРО-ДПМНЕ и Конзервативната партија се сестрински партии во рамките на глобалната организација на десниот центар ИДУ”.
Ѓорчев оствари повеќе непротоколарни средби со други политичари, кои ги запозна за состојбите во Македонија, но и за се зголемената поддршка на граѓаните за ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на претстојните избори следната година во Македонија.
На Конференцијата ќе се обрати Борис Џонсон, премиер на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како и обраќања на повеќе клучни министри од британската влада.