Се претпоставува дека околу 20 илјади лица во државава имаат Алцхајмерова деменција. Дополнително, околу 400 илјади луѓе на возраст од 65 години или повеќе може да се сметаат за потенцијални пациенти со ваква дијагноза. Лекувањето на овие пациенти се одвива според веќе утврдени стандарди и соодветни протоколи, кои обезбедуваат соодветна грижа и нега. На Клиниката за неврологија постои софтверски систем каде меѓу другите невролошки заболувања, се евидентираат и се следат пациентите со деменции, вклучувајќи ги и тие со Алцхајмеровата болест.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче во обраќањето на вториот по ред „Деменција мастер клас”, настан од серијата едукативни состаноци што се одржуваат во земјите на Западен Балкан, со цел вмрежување и размена на искуства меѓу експерти од регионот и локални професионалци, вклучени во третманот и грижата на лицата со деменција.
Посочи дека подигнувањето на свесноста за деменцијата во јавноста е клучно за рана дијагноза, а воедно за справување со предрасудите и стигмата кон оваа категорија лица. Токму затоа, нагласи, од суштинско значење е заеднички да работиме на подигнување на јавната и професионалната свест за постоењето на болеста, а паралелно со тоа и на усовршување на дијагностиката, третманот, како и социјалната грижа и реинтеграција на болните и нивните семејства.
– Деменцијата не претставува само проблем на индивидуата, туку на цела социјална група, на пример на брачната двојка или на семејството, така што справувањето со деменцијата е предизвик на сите засегнати страни. Заштитата и унапредувањето на здравјето на граѓаните во нашата држава е приоритет на Владата и Министерството за здравство. Посебен фокус е ставен кон подобрување на условите за лекување за сите пациенти, а посебно на третманот на постарите лица, имајќи предвид дека е во подем бројот на лица со Алцхајмеровата болест, како најчест и најголем социо-медицински проблем и предизвик, додаде Филипче.
Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, која присуствуваше на отворањето на Мастер класот за Алцхајмерова болест, Алцхајмерова деменција рече дека болеста треба рано да се дијагностицира и соодветно да се третира, бидејќи во државава има 20 илјади дијагностицирани. Посочи дека се смета дека само 20 проценти од луѓето заболени со оваа болест се дијагностицирани.
– Во иднина треба да се работи и на востановување Национален референтен центар и на линии за поддршка, да се направи соработка со невладините организации, но клучен чекор во тоа е востановување Национална стратегија за борба со Алцхајмеровата деменција, додаде Ѓоргиевска.
Доктор Габриела Новотни од Клиниката за неврологија истакна дека околу пациентот со деменција треба да има тим професионалци составен не само од невролози и психијатри, туку и од психолози и социјални работници, работни и физикални терапевти, сестри, да се организираат патронажни служби кои ќе ги посетуваат во домот, да се отворат дневни центри…