– Со прогласување на годинашниот лауреат и свечено доделување на признанието на познатиот актер и режисер Коле Ангеловски, денеска официјално беше отворен 11. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски” во Крива Паланка.
Пред голем број присутни гости од театарскиот и јавниот живот, на свеченото отворање на фестивалот во просториите на Општина Крива Паланка беше прикажан минидокументарен филм за лауреатот Никола Коле Ангеловски, кој повеќе од пет децении е присутен на филмската и театарската сцена, како и на телевизија. Во својата кариера одиграл околу шеесет филмски улоги, над 140 театарски претстави, а уште во првата година на студии за улогата во филмот „Саша” ја добил наградата за најдобра дебитантска улога на фестивалот во Пула. Глумел со големите филмски ѕвезди Јул Бринер, Орсон Велс, Елизабет Тејлор. Педесет години работи во Драмскиот театар-Скопје.
– Нема претстава на Ангеловски која не се прикажува повеќе од сто пати. Тој остава во своето работење импозантно творештво кое е дури и преобемно за еден човечки живот. Коле Ангеловски е како никој друг, според мене, во нашиот театар, зашто сите претстави му се интересни за публиката, оти го прикажува животот, она што го живееме во времето. Драматичарот не го завршува текстот со точката, а Коле секој текст го зема како сериозна подлошка и го работи за публиката, за она што следува по претставата, многуте прикажувања. Затоа, тој е режисер кој секој театар го сака, а неговите претстави ги полнат театрите, рече театарскиот критичар Трајче Кацаров.
Актерот Благоја Чоревски истакна дека е среќа Коле Ангеловски да биде во нечиј живот. -Коле е благодат, среќа и историја ,среќа е да бидеш во негова претстава. Среќен сум што веќе по враќањето од тука, во Скопје продолжуваме со работа на претставата „Залив” со колешката Марија Кондовска, рече Чоревски.
Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, му ја врачи на КАнгеловски наградата лауреат на 11.Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски”, а Гоце Ристовски ја промовираше автобиографската книга на Коле Ангеловски – „50 години Драмски и клоцата во …”.
Градоначалникот Мицевски им оддаде признание на сите досегашни лауреати од изминатите десет фестивалски години, како и на сите кои се заслужни за организација и одржување на фестивалот веќе една деценија.
– Крива Паланка со сето она што го прави со овој фестивал единаесеттата година по ред се наметнува на театарската сцена во државата иако сме град што нема театар.За нас е вистинска чест што сме биле домаќини на сите балкански и македонски глумци кои се претставуваат пред кривопаланечката публика низ годините, дарувајќи насмевки, што претставува вистинско богатство и најмногу вредно во секојдневието што го живееме, изјави Мицевски.