Од 2003 досега консумацијата на алкохол во Русија е намалена за дури 43 отсто, покажуваат податоците во денеска објавениот извештај на Светската здравствена организација (СЗО).
Според извештајот, намалувањето на користење алкохол се припишува на големиот број мерки преземени од „застапникот на спортот” – претседателот Владимир Путин и неговите ограничувања во продажбата на алкохол и промовирање на здрав начин на живот.
„Руската Федерација веќе долго време се сметаше за една од земјите во светот каде најмногу се пие”, се вели во извештајот, додавајќи дека алкохолот бил голем виновник за порастот на смртните случаи во 90-тите години. „Сепак, овие трендови се обратни во последниве години”, се посочува во извештајот.
Истражувањето покажува 43 отсто опаѓање на потрошувачката на алкохол по глава на жител од 2003 до 2016 година.
Авторите на студијата истакнуваат дека овој тренд е фактор за зголемување на животниот век, достигнувајќи историски врв во 2018 година, со 78 години за жени и 68 години за мажи. Во раните 90-ти, животниот век на мажите беше само 57 години.
Последниот советски лидер Михаил Горбачов водеше делумна анти-алкохолна кампања со делумна забрана, што ја намали потрошувачката од средината на 1980-тите до 1990 година. Но, по распадот на Советскиот Сојуз, потрошувачката на алкохол експлодираше и продолжи да се зголемува сè до раните 2000-ти.
Путин во Русија забрани продажба на алкохол во продавниците по 23 часот, ја зголеми цената на алкохолот во малопродажба и работи на елиминирање на рекламирањето на алкохол.
Претходно, податоците на СЗО покажаа дека возрасните Руси сега пијат помалку алкохол од нивните француски и германски современици.
Москва, исто така, започна и борба против пушењето, најавувајќи забрана за пушење дури и на балконите на хотелите и станбените згради. Употребата на тутун од страна на Русите се намали за повеќе од една петтина меѓу 2009 и 2016 година, достигнувајќи 30 отсто, според последното глобално истражување за пушење кај возрасните лица.