Прв академски час на Факултетот за безбедност

Чест ми е што повторно  денеска, на првиот академски час, на почетокот на новата студентска година за студентите и професорите од Факултетот  за безбедност  при  Универзитетот „Свети Климент Охридски“, го имам задоволството да го поздравам овој респектабилен аудиториум, посакувајќи ви успешна образовна година, рече министерот Оливер Спасовски во обраќањето на првиот академски час на Факултетот за безбедност.

Денешниот ден е посебно емотивно важен за т.н. бруцоши, кои денеска средношколските клупи ги заменуваат со академски амфитеатри, па за нив е ова почеток на нова, образовна авантура. Пред нив е можноста за еден повисок степен на лична наобразба, култура и воспитување, што во подоцнежните години ќе претставува фундамент во развојот на професионалниот живот и кариера.

„Академски, пак, овој ден е подеднакво значаен за сите студенти и професори на овој Факултет, кој важи за институција чии што образовно-воспитно значење и квалитет се одамна етаблирани во нашиот образовен систем. И тоа не само заради тоа што станува збор за прва и најстара образовна институција од ваков вид во Република Северна Македонија, туку и поради веќе докажаното високо ниво на стручна, академска и практична наобразба што тука се нуди. Притоа, дозволете ми да повторам едно свое лично длабоко убедување, а тоа е дека науката и практиката се тесно поврзани, упатени една на друга, особено доколку се преферира кон реализирање на индивидуалните амбиции или задоволување на интелектуалната глад и предизвиците“, рече Спасовски.

Безбедноста, со нејзината  широка интердисциплинарност, е наука што динамично нуди нови предизвици. Од друга страна, пак, општествата сè повеќе ја препознаваат нужноста од подлабоко инволвирање на таа безбедносна разнообразност во сите пори од општеството.

„Министерството за внатрешни работи, согласно нашите приоритети за адекватно кадровско екипирање на институцијата, како примарни ги постави образовно-стручните критериуми и стандарди, како во своето секојдневно работење, така и во поглед на професионалниот напредок на секој наш службеник. Притоа, убедени сме дека токму стручната и образовната подготвеност се меѓу најважните претпоставки за севкупно поквалитетно работење на МВР. И, ве уверувам дека нема да запреме со оваа политика во делот на кадровско и стручно надградување на Министерството за внатрешни работи, туку сме решени тоа да стане составен дел од процесите на избор и професионална надградба на нашите вработени. На крајот, верувајќи дека пред многумина од вас, по завршување на академското образование претстојат блескави кариери, дозволете ми, драги студенти и почитувани професори, да ви го честитам почетокот на студиите, посакувајќи ви на сите вам успех и на личен и на професионален план“, рече министерот Спасовски.

 

Треба да знаете
Последни објави