Со едукација против измами и кражби, во Кавадарци беше одбележан Меѓународниот ден на старите лица, 1октомври. Се реализираа и неколку други активности, во организација на кавадаречкиот Црвен крст, полициската станица од општа надлежност и Здружението на пензионери.
-Најпрво од страна на преставниците на полицијата се одржа едукативно предавање на тема заштита од измами и џепни кражби врз пензионерите. Од страна на волонтерите на Црвениот крст беа поделени едукативни флаери за грижа и нега на старите лица. Се одржа и спортски турнир во табла и домино за присутните членови и волонтери од овие три институции, рече Димитар Каракулев, инспектор за превенција и претседател на Општинската организација на Црвениот крст.
Најдобрите на турнирот, добија и дипломи.
Со овие активности, додаде Каракулев, уште еднаш се покажува соработката и партнерството помеѓу овие институции.