Крајниот рок за Евреите кои живеат надвор од Шпанија да бараат шпанско државјанство е истечен, а резултатот е 127.000 барања од кои повеќето се од Латинска Америка.
Најголем број барања биле поднесени од Евреите кои живеат во Мексико, околу 20.000, по што следуваат барањата од Венецуела и Колумбија, јавува „Би-би-си“.
Во 2015 година Шпанија донесе закон со кој се обиде да се искупи за средновековното протерување на сефардските Евреи од земјата.
Барателите мора да докажат семејна врска со средновековна Шпанија, што во многу случаи се покажа како исклучително тешко. Покрај тоа, адвокат во Шпанија мора да го „завери“ нивното сефардско потекло.
Шпанските Евреи на Иберискиот Полуострово му дале име Сефард, така што потомците на Евреите од Шпанија и Португалија сè уште се нарекуваат сефардски Евреи.
Барателите на шпанско државјанство можат да го задржат своето државјанство, иако генерално Шпанија не дозволува двојно државјанство.
Тие мора да положат тест од шпанската култура, уставот и знаењето на шпанскиот јазик или еврејско-шпанската варијанта ладино.