Денеска се навршува една година од убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, поради што дојде до глобални протести, а репутацијата на Саудиска Арабија е нарушена, наведува Европската служба за надворешни работи.
„Денеска одаваме чест на сеќавањето на Џамал Кашоги, ценетиот саудискиот новинар, кој е убиен во просториите на Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул на 2 октомври 2018 година“ се вели во соопштението.
Европската служба за надворешни работи истакна дека Кашоги и натаму претставува инспирација за новинарите и соработниците со кои беше поврзан поради неговата работа, вклучително и колегите од институциите на ЕУ.
И по една година, се уште не се решени многу прашања за убиството. ЕУ повтори дека е потребно да се обезбеди целосна одговорност за сите оние кои биле на каков било начин вмешани во убиството, како и кредибилна и транспарентна истрага за околностите на неговото убиство.