Иранските власти спречиле заговор за атентат на командантот на силите „Кудс“

Иранските власти спречиле заговор за атентат на командантот на силите „Кудс“ на Исламската револуционерна гарда, Касем Солејмани, при што уапсени биле тројца заговорници, објави иранската новинска агенција „Фарс“.

Според иранските медиуми, генерал-мајорот Солејмани не бил повреден. Обидот да се изврши атентат врз Солејмани бил регионален заеднички израелско-арапски заговор, а сѐ уште нема информации за идентитетот и националноста на уапсените.

Според Хусеин Таеб, шеф на разузнавачката служба на ИРГЦ, планот на групата терористи бил кроен неколку години. Заговорниците планирале да постават меѓу 350 и 500 килограми експлозив под собраниската сала на верски настан во Керман, југоисточен Иран, на кој Солејмани требаше да се појави во септември. Заговорниците се уапсени пред да можат да ја извршат операцијата.

Солејмани е познат по учеството во операциите за помош на ирачките и сириските сили вклучени во борбата против Исламска држава. Тој во неколку наврати ги обвинуваше САД за соработка со терористите за постигнување на своите регионални цели. Во 2015 година, тогашниот директор на ЦИА, Џон Бренан изрази загриженост во врска со вмешаноста на Солејмани во војната против ИД во Ирак, тврдејќи дека неговото присуство во земјата претставува значителна закана за американските контратерористички напори.

Претходно неделава, Солејмани даде интервју за иранската телевизија, откривајќи дека тој и Хасан Насралах, актуелниот генерален секретар на либанското политичко движење и милиција Хезболах, едвај избегнале напад од израелски дронови за време на војната во 2006 година меѓу Израел и Либан.

Единиците на ИРГЦ се соочија со повеќе терористички напади врз нејзините членови во последните години, вклучително и напад со автомобил-бомба во февруари 2019 година, во кој загинаа над дваесетина војници на ИРГЦ. Иран ги обвини регионалните противници во Заливот, како и Израел и САД, за насилството.

Треба да знаете
Последни објави