Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари предлага Градската куќа во центарот на Скопје да биде пренаменета за специјална институција за престој и третман на деца со посебни потреби.
,,Барокната зграда, Градска куќа, во центарот на Скопје, идеално место за оснивање на специјална институција за целодневен престој и третман за деца со посебни потреби!
Да ја покажеме нашата искрена заложба за оваа категорија на граѓани!Претендираме за ЕУ, ваква институција и недостасува на СРМ”, напиша поранешниот министер за здравство, Таравари на Фејсбук.
Градската куќа деновиве се најде во средиштето на препирките меѓу власта и опозицијата, откако Шилегов ги изнесе своите размислувања, дека зградата којашто требаше да стане нов дом на целата градска администрација, не е соодветна за таа намена и дека е потребна нова локација во центарот на градот.Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија дека зад продажбата на градската куќа има основан сомнеж за криминал.
Градската куќа која се наоѓа веднаш под Кале, почна да се гради во 2011 година како дел од проектот Скопје 2014. Тогашниот градоначалник Коце Трајановски најави дека објектот ќе има приземје и пет ката, од кои на четири ката ќе биде сместена градската администрација, а на петтиот кат кабинетот на градоначалникот на Град Скопје.