Првата колумбиска политичарка осудена на затворска казна поради купување гласови, во вторникот побегнала од затвор, откако и била дозволена посета на стоматолог, пренесе британски „Телеграф“.
Аида Мерлано (43) успеала да избега низ прозорецот на стоматолошката ординација во Богота, откако со црвено јаже се спуштила на улицата и побегнала со мотоцикл. Нејзиното бегство е регистрирано од надзорни камери.
Очигледно е дека сè било добро испланирано, затоа што едно лице на мотоцикл ја чекаше затвореничката на задната страна од ординацијата. Пред да се оддалечат, поранешната пратеничка внимателно стави кацига на главата.
Од затворот известиле дека истрагата е во тек и нудат награда од 50 милиони колумбиски пезоси (околу 13.000 евра) за информации за тоа каде би можела да се наоѓа Мерлано.
Аида Мерлано минатиот месец беше осудена на 15 години затвор поради купување гласови на парламентарните избори во 2018 година.
Не е познато зошто и било дозволено да оди на стоматолог, бидејќи краткотраен престој надвор од затворот обично се дозволува само во исклучително итни ситуации.
За истиот ден било закажано сослушување на кое требало да се разгледаат можностите за намалување на затворската казна.