Единицата за економски и компјутерски криминал, до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против 65-годишна скопјанка, поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Како што информираат од МВР, пријавената, во својство на директор на детската градинка „Мајски цвет“ во општина Карпош, чиј мандат истекувал на 16. јануари 2014 година, со цел да си овозможи продолжување на извршувањето на функцијата, на 11. декември 2013, самоволно и без основ, извршила сторнирање на претходно објавениот оглас за избор на нов директор на установата, преку доставување на писмени барања, потпишани од неа, до дневните весници каде што претходно бил објавен огласот.
На тој начин, продолжувајќи со извршување на директорската функција, таа си овозможила остварување повисоки примања во периодот од 16. јануари 2014 до 07. август 2018.
Во наведениот период директорката се стекнала со противправна имотна корист од 990.977 денари.