Предлозите кои британскиот премиер Борис Џонсон ги презентирал за договорот за излез на Велика Британија од ЕУ ни од далеку не се во корелација со она што е потребно за компромис, оцени денеска Управната група на Европскиот парламент за брегзит.
Откако главниот преговарач за брегзит, Мишел Барние, го информираше телото за предлозите на британскиот премиер, Управувачката група на ЕП за брегзит соопшти дека истите се чекор назад наместо чекор напред. Во ваквиот расплет на настаните не оди во прилог ни тоа што вртоглаво се приближува крајниот рок за излез на Британија од ЕУ – 31 октомври.
„Британските предлози се недоволни и претставуваат големо оддалечување од заедничките обврски и цели“, се наведува во соопштението на ЕП.
Управувачката група вклучува експерти од сите водечки пратенички групи на Европскиот парламент кои треба да го одобрат договорот за брегзит пред да стане официјален.