ЕСЕ: Граѓаните и новинарите сè уште се соочуваат со пречки во пристапот до информации од јавен карактер

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на – ЕСЕ покрена петиција за собирање потписи со која бара од Собранието да го забрза процесот на трансформација на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и во најкраток можен рок да именува директор и заменик директор на Агенцијата со што ќе создаде основни услови за нејзино работење.

„По повод одбележување на меѓународниот ден за слободен пристап до информации од јавен карактер ја информираме јавноста дека Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер не функционира повеќе од една година, поради одложување на изборот на членови на Комисијата и пролонгирање на процесот на трансформација на Комисијата во Агенција. Со ова се крши основното човеково право за пристап до информации од јавен карактер, загарантирано со член 16 од Уставот на Република Северна Македонија и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, велат од ЕСЕ.

Од таму велат дека по скоро 13 години од донесување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, граѓаните, граѓанските организации и новинарите сè уште се соочуваат со пречки во пристапот до информации од јавен карактер, а пак јавните институции се се позатворени за јавноста.

„Јавните институции, особено оние на национално ниво, не објавуваат информации за своето програмско и буџетско работење, а пак во официјална постапка за слободен пристап до информации од јавен карактер обезбедуваат нецелосни податоци.  нформациите кои се достапни за јавноста, често се воопштени и се прикажани во форма која не е разбирлива за граѓаните. Во бирократските постапки за пристап до информации од јавен карактер, јавните институции ги користат законските недоречености и ја избегнуваат должноста за обезбедување на детални и прецизни податоци“, велат од Здружението.

Според нивните информации, бројот на поднесени жалби во последните три години (2016, 2017 и 2018 година) заради повреда на правото на слободен пристап до информации е 1.999, од кои речиси 70 отсто се жалби заради молчење на јавната администрација.

„Недостатокот на проактивност кај јавните институции пак се потврдува со фактот дека во последните три години (2016, 2017 и 2018 година) биле поднесени 26.385 барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, за разлика од предходните три години (2013, 2014 и 2015 година) кога биле поднесени 14.360 барања“, велат од ЕСЕ.

Здружението бара од Владата да ги задолжи сите јавни институции да ги објават основните буџетски и програмски документи и да подготви и усвои стратегија за транспарентност на работењето на јавните институции.

Треба да знаете
Последни објави