Лидерот на лабуристите, Џереми Корбин, го критикуваше планот на британскиот премиер Борис Џонсон за брегзит, нарекувајќи ги неговите предлози „нереални и штетни”.
– Постојните предлози ќе и наштетат на целата економија во Велика Британија, особено на Северна Ирска и ќе го нарушат договорот меѓу Северна Ирска и Велика Британија, рече Корбин, јави Би-Би-Си.
Корбин додаде дека со предлозите се отфрла каква било форма на царинска унија, нешто што го бара секое деловно и индустриско тело во Велика Британија и секој синдикат.
-Тие сакаат да ги отфрлат стандардите на ЕУ за работничките права, регулативи и потрошувачки стандарди и да им дадат на работниците пониски плати и полоши услови за работа да се справат со конкуренцијата, рече лидерот на лабуристите.