Република Македонија живее тешко секојдневие. Независно од нереалната розева слика која ја создаваат овие од Владата дека блескаме, народот живее сиромашно, со проблеми кои притискаат, со систем кој не функционира. Надвор од удобните канцеларии во Владата, на улиците, на асфалтот, по пазарите и маалата е реалната слика кој покажува дека животот во Македонија е полн со неправди, сиромаштија и несигурност. Младите секојдневно си одат, а македонските градови и села го доживуваат современ егзодус кој не е само закана за опстојувањето на градовите, туку и за националната економија но пред се за иднината за секој еден човек во нашата земја.
Изминува речиси и третата година, а сепак не е подобро. Не е подобро затоа што се нема концепт и визија, се нема план. Но затоа пак криминалот, корупцијата и несигурноста се насекаде околу нас.
Надеж има се помалку, а проблеми се повеќе. Постојано сум меѓу народот и можам да ви кажам дека не сретнав човек кој е без проблеми и задоволен од она што го имаме денес.
Народот не верува во оние колективни вештачки мантри на владата дека ќе биде подобро и само што не ни тргнало, туку народот верува во проблемите кои ги има.
Проблемите го тиштат, го прават незадоволен и со право се помалку трпелив, зошто нема уште години од животот во кој ќе чекаме животот да стане подобар, и некакво очекување дека работите ќе се сменат. Тоа со оваа октопод влада нема да го видиме. Нивната цел е како да украдат денар повеќе, како да се збогатат на грбот на народот и неплатениот труд на работникот.
Македонија не само што ги губи годините во чекање, туку ја губи и иднината.
Затоа излеговме на терен, во „Разговори за обнова на Македонија“, каде сакаме да слушнеме што мисли народот, да ги кажат проблемите и заедно да бараме решенија. За една недела повеќе од 10 илјади граѓани го напишаа и го доставија до ВМРО-ДПМНЕ својот проблем. Кажаа што ги тишти и што ги прави несреќни. Одличен одѕив и ние овие разговори ќе ги продолжиме во иднина, во населените места ширум Македонија. Народот сака да каже што мисли за состојбите, што му тежи, и што размислува.
Но ние не застануваме тука и ќе понудиме решенија за проблемите и ќе се потрудиме тие да бидат одржливи, да бидат визионерски и делотворни. Да ја градиме и донесеме обновата која и треба на Македонија.
За таа цел потребно е мобилизирање на целокупниот потенцијал со кој располагаме, кадровски подготвени луѓе, врвни професионалци и умови од земјата и странство кој не само што ќе ми помогнат мене, туку пред се ќе и помогнат на Македонија и заедничката иднина.
Македонија го живее овој кошмар на живот кој станува пекол, и затоа и треба будење и обнова.
Сериозен сегмент посветувам на понудата која треба да се даде и обновата која треба да и престои на Македонија. Се во животот треба да биде градено цигла по цигла, чекор по чекор, од темел до кров. За се треба да се има план.
ВМРО-ДПМНЕ го следи времето, и модерните текови, на Македонија и треба визија за иднината која заеднички ќе ја градиме.
Во таа насока, формирав Тим од стратешки соработници составен од врвни професионалци, со одлично, лично и професионално портфолио, врвни достигнувања секој во својата област. Овој тим е составен од професори, доктори по наука, успешни менаџери, експерти и одлични аналитичари. Образувано на престижни меѓународни унивeрзитети и со деловни и работни успеси во врвните економии во светот. Спој од напредната македонска интелигенција, но и дел од странци со исклучителни знаења кои ќе ги стават на располагање за обновата на Македонија.
Тимот од стратешки соработници е составен од натпартиски личности, со кои не поврзува родољубието, патриотизмот и желбата да се помогне во обновата на Македонија. Овие луѓе ќе бидат мои соработници, а заедно ќе работиме во обновата која ќе ја донесеме за граѓаните на Македонија.
Ќе ги црпам нивните знаења и искуства, заедно ќе работиме на понудата која ќе ја дадеме на граѓаните која ќе ја сочинува мојата, но и нашата заедничка визија за Македонија.
Овој тим од стратешки соработници за кој се согласи и доби поддршка и од Извршниот Комитет на партијата на седницата која се одржа вчеравечер, треба да биде јадрото и новиот квалитет кој ќе биде гаранција дека ќе се зафатиме со најтешката работа да ги решаваме проблемите, но не само да ги решаваме туку и на крај и да успееме. На Македонија по сите порази и искушенија и требаат успеси. Овој тим не застанува тука, тој ќе се проширува и ќе се дообликува во периодот кој што ќе следи.
Дозволете ми, Почитувани претставници на медиумите,
Да го претставам делот од тимот на стратешки соработници, кој што во периодот ќе работи со Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
- Проф. Д-р. Гордана Силјановска Давкова, стратешки соработник за прашања од областа на правото и политичкиот систем. Професор редовен на Правниот факултет во Скопје, инаку дипломирала и магистрирала на Правниот факултет во Скопје, а докторирала на Универзитетот во Љубљана. Позади себе има стотици трудови во влијателни списанија во но и надвор од земјата.
- Проф. Д-р. Сашко Кедев, дописен член на Македонската Академија на Науките и Уметностите од 2015 година. Стратешки соработник за прашања од областа на медицината и здравствените политики. Редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје од 2013 година. Меѓу другото бил визитинг професор на Универзитетот во САД, во државата Северна Каролина, инаку во 2001 година се стекнува со звањето Европски кардиолог, понатаму како што реков е избран за дописен член на МАНУ.
- Проф. Д-р. Владимир Дукоски, професор во пензија, стратешки соработник за технолошки развој и образовни политики. Инаку бил визитинг професор на Универзитетот во Братфорд. Дипломирал на политехничкиот универзитет во Лавов, а магистрирал и докторирал на универзитетот во Загреб.
- Стратешки соработник за прашања од областа на економија, Хозе Тараско вондреден професор на Кралскиот Универзитет „Хуан Карлос“ во Мадрид, Шпанија. Инаку бил визитинг професор на Универзитетот во Флорида „Бокаратон“ и исто така бил визитинг професор на Универзитетот во Порцмалт, Нотинген и истовремено на Универзитетот „Ваљиканта“. Од образованието има постдокторски студии на „Хардвард“ Универзитетот, има докторат на Кралскиот Универзитет „Хуан Карлос“, Мадрид, во Шпанија. Двоен магистериум на Универзитетот „Ваљиканте“, Универзитетот во Виена. Дипломирал на Универзитетот во Саламанка. Има искуство со работа во Банката на државни резерви за Нов Зеланд, Меѓународниот монетарен фонд. Понатаму бил дел од луѓето кои што работеле со Банката на федерални резерви на државата Сент Луис, САД, итн.
- Игор Дурловски, стратешки соработник за прашања од областа на културата.
- Влатко Гигов, стратешки соработник за нови производи и социјални медиуми. Инаку државјанин на Шварцарија, своето образование на додипломски студии го стекнал на „Вебсторн“ Универзитетот во Женева, Швајцарија. А, неговиот магистериум е на Европскиот Универзитет исто така во Женева, Швајцарија. Работел како главен оперативен директор во неколку држави за мултинационални компании, меѓу кои би ги издвоил неговата работа во Мексико, Канада и итн.
- Стратешки соработник за напредни технологии и аналитика, Јанко Баждавела кој што живее и работи во Њујорк, САД. Инаку Јанко своето образование, додипломски студии ги стекнал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на факултетот за електротехника и информациски технологии, поранешен Електро факултет. Инаку исто така има специјализација на „Квинс“ Универзитетот во Белфаст. Понатаму бизнис школата во Париз, а моментално работи во „Коркоран Груп“ на висока позиција, компанија мултинационална која што има годишен обрат со повеќе од 21 милијарда долари.
- Понатаму, стратешки соработник за прашања од областа на спортот, Борко Ристовски репрезентативец на Република Македонија во ракомет истакнат мислам дека доволно јавноста во Македонија е запознаен со неговите достигнувања и успеси и на ниво на клупски натпреварувања и на ниво на државни натпреварувања.
- Стратешки соработник за прашања од областа на енергетиката, Сања Божиновска инаку докторант на Харвард универзитетот во САД, магистрирала на универзитетот во Гронинген, Холандија, а додипломски студии завршува на Англо-американскиот универзитет во Прага, Чешка.
- Акан Махмут стратешки соработник од областа на туризмот инаку Акан Махмут е косопственик и извршен директор на ЕРАК групацијата од Скопје. Инаку ЕРАК групацијата е составена од повеќе компании чија главна дејност е логистика транспорт на патници и туризам. Инаку има свое претставништво во неколку градови во Европа меѓу кои Скопје, Будва, Дубровник, Истанбул, Лвов, Сараево, Белград, Рига итн. Како туристичка агенција има добиено 5 награди за најдобра агенција за дојдовен туризам во Република Македонија за периодот од 2010 до 2018-тата година. Во неговото портфолио како компанија имаат повеќе од половина милион ноќевања годишно, инаку стратешки партнер на РСД- Рајзен Германија најголемата маркетинг компанија во Германија со чија програма веќе втора година по ред доаѓаат повеќе од 55 илјади туристи во регионот со акцент на Република Хрватска.
- Стратешки соработник од областа на трудовото право и социјалната политика, вонреден професор Лазар Јовевски, вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ додипломски студии завршил на истоимениот факултет додека пак постдипломски и докторски студии на Универзитетот во Белград.
- Стратешки соработник од областа на машинската индустрија и екологија, Зоран Марков редовен професор на машинскиот факултет во Скопје. Образованието го стекнал на истоимениот факултет инаку бил корисник на Фулбрајтова стипендија со која што реализирал истражувачки престој на Песилванија Стејт Универзитетот во САД.
- Стратешки соработник од областа на интелектуалната сопственост, Гоце Наумовски професор на правниот факултет во Скопје, „Јустинијан Прима“ инаку е визитинг професор на Колумбија Универзитетот, истовремено е двоен доктор на науки покрај докторатот на правниот факултет Јустинијан Први на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ исто така има завршено докторат на универзитетот во Стразбур, Франција.
- Стратешки соработник за прашања од областа на бизнисот и организациските стратегии, професор доктор Гоце Андревски своето образование на додипломски студии го стекнал на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, постдипломски студии на Универзитетот Гранд Валеј Стејт во државата Мичиген во САД, додека докторирал на Универзитетот во Кентаки, државата Кентаки САД. Инаку во моментот работи како визитинг професор на бизнис школата „Квинс“ при „Квинс“ Универзитетот во Онтарио Канада.
- Стратешки соработник за прашања од областа на корпоративното право Александар Климовски кој што работи и се образувал, односно своето образование го стекнал на додипломски, постдипломски студии и на докторски студии на истоимениот факултет каде што е во моментот редовен професор, позади себе има повеќе од 50-тина научни и стручни трудови.
- Стратешки соработник за прашања од областа на банкарската политика, Коста Митровски до јуни 2019-тата година претседател на македонската банкарска асоцијација. Во периодот од 2016-тата до 2018-тата претседател на здружението на банкарство при стопанската комора. Од 2008-та до 2019-тата главен извршен директор и претседател на управниот одбор во УНИ банка АД Скопје. Меѓу другото бил генерален и финансиски директор на Кенан Агел претставништвото во Скопје итн. 2018-тата е одбран за банкар на годината во Република Македонија.
Почитувани,
Мојата визија за Македонија е земја која ќе биде напредна и во која обновата ќе направи општествена, културна, економска, правосудна преобразба.
Нам ни е потребна обнова во секој сегмент од нашето општество, и постигнување на европски принципи и вредности кои ќе бидат достигнати не само затоа што треба да исполниме некои слова на хартија туку пред се затоа што мораме да реализираме подобар квалитет на животот на нашите граѓани.
Македонија отворена кон светот но и конкурентна со развиените економии. Млади кои својата иднина ќе ја градат на своите огништа. Земја која наместо последна во иновациите, ќе биде прва по технолошкиот развој. Земја која што ќе биде технолошки тигар на Балканот. Наместо прва по корупцијата, да бидеме први во испорачувањето на правдата.
Земја полна со надеж и оптимизам за секој еден граѓанин.
Не сум човек кој ветува чуда, но ви ветувам многу работа, работа и само работа. А само со работа, чесност и искреност можни се големи скокови напред. А нам ни треба обнова повеќе од кога и да било порано.
Затоа ние се потребни луѓе и човечки квалитет и потенцијал. А ВМРО ДПМНЕ ќе го мобилизира тој потенцијал, секој напреден поединец кој е подготвен да помогне во Обновата. И тука ве уверувам дека буквално секој еден што сака да се приклучи за подобра иднина на нашата татковина Македонија ќе има подадена рака и е добредојден.
На граѓаните ќе им порачам да не следат и да имаат верба. И покрај тоа што во немоќ опкружени со криминал октоподи и рекети владата на СДСМ и Зоран Заев сака да не претстави дека сме сите исти. Не, почитувани граѓани не само што не сме исти туку сме и различни. Сторителот на денешното секојдневие, сторителот и соучесникот во криминалот и неправдата која што денеска владее со нашата татковина има име и презиме и партија. Таа партија е СДСМ а името и презимето е Зоран Заев.
Ние сме поразлични, имаме визија имаме мотив имаме цел. Сакаме да успееме заедно со вас да обезбедиме подобра, стабилна и сигурна иднина. Да си ја вратиме насмевката кај граѓаните и да ги вратиме сите оние кои што ги напуштија нашите огништа разочарани од сите неисполнети ветувања и нереализирани очекувања.