Во заедничко писмо испратено попладнево до земјите членки на ЕУ, актуелниот претседател на Европскиот Совет, Доналд Туск, новоименуваната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, бараат отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ за Северна Македонија и Албанија.
Тие потсетуваат дека земјите членки се заложија во јуни да се навратат на прашањето и да донесат суштинска одлука во октомври.
„Северна Македонија и Албанија го направија тоа што го побаравме од нив. Целите бараа значаен напор од нивните граѓани за кои европската перспектива е голем извор на мотивација и одлучност“, се наведува во писмото на челниците на европските институции.
Тие сепак нагласуваат дека нема гаранција за успех во преговарачкиот процес и дека ќе биде потребен голем реформски напор за двете земји да станат полноправни членки.
„Веруваме дека сега е време да се отворат пристапните преговори со двете земји“, се додава во писмото.