Пречистителната станица значи дека Скопје повторно ќе има чиста река. Отпадните води што се слеваат во овој момент по цевководниот систем директно во Вардар, најпрво ќе завршуваат по колекторскиот систем што сега го градиме, ќе одат во пречистителната станица каде што така прочистени ќе бидат оставени и ќе бидат пуштени во реката и е еден од можеби фундаменталните проекти кои ги води овој Град што се однесуваат на заштита на животната средина.
Ова во интервју за МИА го изјави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, кој говореше за планираната изградба на пречистителна станица во Скопје. За таа цел на Самитот за Западен Балкан, што во органзиација на Економист беше одржан во Скопје беше најавен грант од 10 милиони евра од Европската инвестициска банка. Тоа е само дел од потребните 125 до 135 милиони евра за изградба, која според проценките би се реализирала во следните две години.
-По она што го имаме како план, по она што го имаме зацртано, пречистителната станица би требало некаде 2024/2025 година да биде пуштена во употреба, вели Шилегов во интервјуто за МИА.
Тендерирањето за изведба на пречистителната станица треба да биде потпишано до крајот на 2020 година и сега се работи на тендерската документација.
-Носител на таа активност во рамки на Градот Скопје е ЈП „Водовод” каде имаме посебна единица што се занимава со целокупната работа, со податоци кои во меѓувреме надвор од студијата што ја има Градот за пречистителна станица ги набавуваме, веќе се завршени мерењата за димензионирање на пречистителната станица и полека се движиме кон дооформуваме или завршување на техничките податоци што се неопходни за квалитетно изработување на тендерската документација за пречистителната станица, нагласи Шилегов.
Во врска со реконструкцијата на канализациската мрежа на Градот Скопје и колку Градот има капацитет за таков потфат Шилегов вели дека допрва се прават тие анализи.
-Ги правиме анализите и мерењата што ги имаме на протокот на отпадни води со цел да видиме дали и каде имаме загуба на системот на канализациската мрежа и тоа е нешто што мораме да го направиме. Прво затоа што мора да се димензионира пречистителната станица за потребите на градот во наредните триесетина години како објект и второ да видите дали и каде има проток на фекалии во почвата во Скопје. За жал првите податоци кажуваат дека треба да имаме сериозни интервенции во тековната канализација, но кога ќе ги добиеме целосно тие податоци едноставно ние ќе немаме поинаков избор освен да извршиме замена на системот онаму каде што тој проток се јавува, истакна Шилегов.
Нагласува не се нечисти скопските улици, туку општинските. Тој е задоволен од зголемувањето на квалитетот на чистотата на главните улици.
-Но, животот на луѓето се одвива на споредните и тука затоа и повикав при промоција на нешто што досега, да кажам како квантитет, но и како квалитет и како концепт не било понудено во нашиот град – промоцијата што ја имавме и на возилата и на контејнерите, нагласи Шилегов.
Во врска со најавите дека ќе го зголеми инспекцискиот надзор и ќе има повеќе казни за несовесни граѓани за фрлање отпад нагласува дека таков тип на однесување не може да се третира само со апели, „особено сега кога веќе почнуваме полека да го имплементираме новиот капацитет на комунална хигиена и 950 канти за џебен отпад од некаде 1.700 и нешто колку што досега ги имаме”.
Порано вели можеби имало изговори „нема корпи, нема контејнери”, а сега, додава едноставно таков тип на изговор ќе нема.
Шилегов во интерјуто за МИА говори и за загадувањето на воздухот и мерките што ќе ги преземе Град Скопје, за селектирањето на отпадот, за градскиот превоз, за продажбата на Градска куќа…
Целото интервју, заедно со видео материјалот ќе биде објавено утре.