Властите во Хонг Конг планираат да забранат носење маски на јавни собири, јавуваат локалните медиуми. Тие имаат намера да применат прописи за вонредни состојби што датираат од колонијалната ера за да ги задушат повеќемесечните протести во поранешната британска колонија.
Уредбата за итни случаи не се користи повеќе од 50 години. Протестите во Хонг Конг избија во јуни како одговор на законот за екстрадиција на осомничени престапници во Кина.
Критичарите стравуваат дека новите правила би можеле да ја поткопаат независноста на судството во Хонг Конг и да им се заканат на дисиденти, пренесува Би-Би-Си. Се очекува забраната да биде објавена в петок по состанок на извршен совет, јави локалната телевизија ТВБ. Со него, на властите ќе им се овозможи да „донесат каков било пропис за кој сметаат дека е во јавен интерес” во случај на „итна ситуација или опасност за граѓаните”.