Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески ја овласти обвинителката Лиле Стефанова и понатаму да остане надлежна за предметот „Империја”, потврдија за МИА од Јавното обвинителство.
Истрагата „Империја” е против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав
Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.
Стефанова претходно од државниот обвинител доби овластување и за предметите на СЈО, „Титаник”, „Траекторија” и „Маџар Телеком”, а нејзините колеги Стевчо Донев и Елизабета Јосифовска и натаму ќе ги застапуваат „Триста” и „Тотал”, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски „Монструм”, а Ленче Ристоска предметот „Талир 2″.