На годинашниот Конкурс за краток расказ што традиционално го распишува „Нова Македонија” пристигнале 189 раскази. Конкурсот траеше од 1 до 30 септември, а од редакцијата на весникот очекуваат и поголем број кандидати со оглед на тоа што во конкуренција за наградите влегуваат сите пристигнати пликови со датум до 30 септември.
Во наредните две недели жирито ќе ги разгледува и препрочитува пристигнатите ракописи, а резултатите ќе бидат објавени на 15 октомври. Врачувањето на наградите е кон крајот на октомври по повод годишнината од излегувањето на првиот број на „Нова Македонија”.
По доделувањето на наградите, редакцијата ќе ги објавува избраните раскази во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда. Конкурсот за краток расказ има долга традиција и, со кратки паузи, се објавува повеќе од половина век.
-Весникот „Нова Македонија” низ годините успеа да направи бренд од Конкурсот за краток расказ, кој годинава го бележи своето 58-мо издание од почетоците, а десетто од возобновувањето на весникот… Краткиот расказ како иницијална форма на секоја добра проза преку овој конкурс покажа дека е инспиративен за најразлични раскажувачки постапки. соопшти редакцијата на весникот.