На прашањето на новинар од „Ен-би-си“ дали Русија планира да се меша во изборите во САД во 2020 година, Владимир Путин се пошегувал велејќи дека сигурно ќе го стори тоа.
„Ќе ви кажам тајна. Да, ние дефинитивно ќе го сториме тоа, само за да ве забавуваме уште повеќе“, рече Путин, одговарајќи на прашањето на новинарите на пленарна седница на Руската енергетска недела.
Путин рече дека е смешно да се сугерира дека Москва ќе се обиде да се меша во претстојните претседателски избори во САД и дека Русија ќе соработува со кој било претседател избран од американскиот народ.
„Ние ќе соработуваме со кој било партнер, со кој било претседател избран од американскиот народ“, рече Путин на економскиот форум во Москва, пренесува ТАСС.
Тој истакна дека не биле дадени докази за вмешаност на Русија на претходните избори во САД, додава „Ројтерс“.
Путин исто така истакна дека Русија не презела никакви „деструктивни чекори“ против САД.